ОД 64 ДО 68 ГОДИНА

Денес, кога би се направила хронологија и сублимат на сите позитивни и негативни моменти на овие изминати 45 изданија на Евросонгот, безсомнено најголем скандал беше оној во 1963 год. Се чинеше дека сите релевантни субјекти од EBU и организаторот на Евросонгот, BBC, на чело со арогантната водителка Katie Boyle, работеа само за еден „идеал“ - победа на Данска. Иако сите европски музички работници „грмеа“ против таа победа на Grethe и Jorgen Ingmann, сепак 9-от Избор на песна на Евровизија се одржа во Копенхаген, главниот град на Данска.

ПОБЕДА НА 16 ГОДИШНАТА ИТАЛИЈАНКА (1964)

1964 година ќе биде запаметена по првото учество на Португалија, и откажувањето на Шведска, која никако не се помируваше со нечесната победа на соседите. Бившата Југославија беше претставувана од Сабахудин Курт кој го „освои “ последнот место без освоен бод. Затоа пак дотогаш непознатата, 16 годишна Италијанка, Gigliola Cinquetti, убедливо ги освои и победничкиот трофеј на Евросонгот но и Европа која беше „жедна“ за италијанска музика. Малата Gigliola ја испеа песната Non ho l'eta и освои 49 поени, а второпласираниот, британскиот претставник Matt Monroe - некогашен возач на автобуси, освои само 19 поени. Покрај овие 2 имиња, 1964 година беше промотивна и за австрискиот претставник Udo Jurgens, кој и ден денес успешно работи во земјите од германското говорно подрачје. Таа година се воведе и нов начин на бодување, каде најдобриот добиваше 5 бода, вториот - 3 и последниот - 1 бод.

ВИДИ ГО НЕАПОЛ .... И ПОБЕДИ (1965)

Благодарение на победата на Gigliola, италијанската национална радио-телевизија -RAI, во Неапол го организираше јубилејниот, 10-от Евросонг.
Како некоја традиција, Изборот на песна на Евровизија повторно беше искористен за промоција на нови таленти кои подоцна ( читај - и денес ) важат нешто на светската музичка сцена. Таа 1965 година ќе биде запаметена по етаблирањето на младата француска пеачка France Gall на светската музичка сцена. Иако настапуваше под Луксембуршко знаме, France осви 32 поени , 6 повеќе од второпласираната претставничка на Велика Британија, Kathy Kirby. Ирска забележа прв настап а скандалите не го заобиколија ни овој Евросонг, па така тогашните челници на EBU ќе „носат на душа“ уште еден „превид“ кој остана несанкциониран. Тогашните правила јасно прецизираа дека секој претставник пее на својот национален, официјален јазик, а тоа правило беше прекршено од страна на шведскиот претставник, Ingvar Wixell, кој песната ја отпеа на англиски јазик. Она што е крајно сомнително е фактот дека самиот организатор, па и претставниците на EBU биле информирани дека шведскиот претставник ќе пее на англиски јазик, но сепак останале „неми“. Освен France Gall и Udo Jurgens ( Австрија ), кои и ден денес се активни во своите земји и Европа, тој Евросонг не промовираше некое позначајно музичко име, а бившата СФРЈ беше претставувана од страна на Вице Вуков, кому тоа му беше 2 настап на Евросонгот во период од 3 години.

СФР Југолсавија СО 2 ПРЕТСТАВНИКА (1966)

Луксембург беше домаќин на 11-от Евросонг на кој настапија 18 земји. Принципот на бодување беше еквивалентен на оној од изминатите 2 години ( 5 -3 -1 поен ), а останаа исти и правилата за настап, меѓу кои и оној за настап на изведувачите на официјалниот јазикот на земјата која ја претставуваат. Вистински куриозитет беше фактот што на овој Избор на песна на Евровизија настапија 2-ца изведувачи кои беа државјани на една иста земја - екс Југославија. Тогашен претставник на СФР Југославија беше Берта Амброз која ја пееше песната „Брез Бесед“ и која и го донесе солидното 7 место во конечниот збир на поени. Вториот „југословен“ беше хрватската пеачка Тереза Кесовија, која таа година беше претставник на Монако а настапи под името Тереза. Стерилната композиција која Тереза ја изведе вечерта на 5-ти Март 1966 год. не и донесе ниту еден поен со што заврши на последното место, додека сосема спротивно , со 31 поен, австрискиот претставник Udo Jurgens и ја донесе првата победа на оваа алпска земја, така што на 8 Април 1967 год. Виена беше домаќин на 12 -от Евросонг.

ПРВА ПОБЕДА ЗА ВЕЛИКА БРИТАНИЈА (1967)

Поради откажувањето на Данска, која сметаше дека овој натпревар нема никакво посебно значение за нејзиниот музички пазар, австрискиот организатор , Националната Радио-Тв ORF, покани 17 земји - учеснички кои таа госина се запознаа со новите-стари правила на бодување. Имено, EBU одлучи да го ревитализира стариот боден систем кој им налагаше на жиријата на секоја земја да гласаат според принципот 5 - 4 - 3 - 2 - 1. Поради тоталниот неуспех на сите 11 претходни изданија на Евросонгот, британците одлучија да ја ангажираат една од водечките пеачки во тој период - Sandra Goodrich, во музичкиот бизнис подобро позната како Sandie Shaw. Благодарение на нејзиниот претходен рејтинг и искуство потврдено со хитовите како што се "(There's) Always something to remind me" и "Long live love", Sandie Shaw без поголеми проблеми стана лауреат на 12-от Избор на песна на Евровизија, создавајќи помеѓу нејзе и второпласираниот, ирскиот претставник - Sean Dunphy, резултатски гап од 25 поени. Анализирајќи ја таа година од оваа временска дистанца, впечатлив е моментот дека младата англичанка и немала некоја поголема конкуренција, особено ако се земе во предвид дека ниту во локални рамки, никој од останатите 16 претставници подоцна немал некоја позначајна кариера. Денес името на Sandie Shaw со златни букви е запишано во британската музичка енциклопедија, како прв британски изведувач кој го освоил првотот место на некој од Евросонговите.

МАЛКУ НЕДОСТАСУВАШЕ ЗА DEJA-VU (1968)

Потстрекнати од успехот од минатата, 1967 година, британците кои беа организатори на 13-от Евросонг, сакаа да ја применат истата формула на успехот - ангажман на признат и познат изведувач кој со леснотија би требал да ја освои втората шампионска титула за британија на овој музички натпревар. Беше едноставно да се пронајде Cliff Richard, музичар кој до тој момент имаше издадено преку 30 синглови и настапуваше во неколку филмови.Британците ги имаа сите предуслови за сигурна победа; беа организатори на Евросонгот, го имаа најкомерицјалниот бритаснки музичар во тој момент и имаа одлична композиција - песната Congratulations. Благодарение на принципот на бодување кој беше користен и претходната година, во последната рунда на бодување, југословенското жири му додели на шпанскиот претставник Massiel 5 поени кои му беа доволни да го освои првото место, со само 1 поен предност пред второпласираниот, фаворитот Cliff Richard. Шпанската „лимунада“ - песната La,la, la беше доволно квалитетна за да на Шпанија и ја обезбеди првата титула во рамките на Евросонгот, со што нивниот национален радио дифузер , RTE , се стекна со право да го организира 14-от Избор на песна на Евровизија.