ОД 69 ДО 71 ГОДИНА

Веќе кон крајот на 60-те години, сите оние земји учеснички кои имаа на располагање поголем буџет за организирање и учество на Евросонгот, ја следеа британската „шема“ - ангажирање на популарен пејач кој со својот актуелен кредибилитет би требало да се најде во борбата за самиот врв. Главниот организатор на Изборот на песна на Евровизија, Европската Радиодифузна Организација ( EBU ), не поставуваше лимити за земјите учеснички во смисол на начинот на организирање на локалниот избор. Токму тој нерешен натпреварувачки статус беше причина за најголемиот апсурд кој е забележан во историјата на Евросонгот - Шпанија 1969 год.

БЕЗ ПОБЕДНИК (1969)

Домаќин на последниот Евросонг во 7 декада беше шпанската национална радио-телевизија, која претходната година направи вистински избор. Во срцето на Англија, Лондон, во 1968 година Massiel со песната La la la освои 29 поени доволни за првото место. Иако таа 1969 година, шпанците ги направија сите претходни подготовки за успешна реализација на Евросонгот, сепак не успеаја да го задржат барем истиот број на земји-учеснички. Поради истите причини од претходната година, Данска се откажа од учеството, а по нејзините стапки тргна и Австрија со што конечниот збир на учесници се сведе на 16. Иако тогашната мега ѕвезда Cliff Richard не успеа да им ја донесе на британците втората последователна победа, BBC сепак не ја напушти традицијата-ангажман на познат и признат пејач. Во таа 1969 година британски претставник беше шкотлаѓанката Marie Lawrie подобро позната како Lulu, која до тогаш имаше реализирано околу 10 успешни нумери вклучително и нејзиниот најголем успех - песната Shout. Доколку се погледне комплетниот список на учесниците, впечатливо е дека британката Lulu и немаше некоја сериозна конкуренција, па сепак, после гласањето и на последното, финското жири, ситуацијата беше крајно компликувана зашто дури 4 земји имаа ист највисок збир на поени-18. Шпанскиот претставник Salome, Британката Lulu, Frida Boccara од Франција и Холанѓанецот Lenny Kuhr беа наполно задоволни со поделбата на првотот место кое во овој случај беше нужност. Причината беше едноставна - за сите тие изминати 13 Избори на најдобрата песна на Европа никој од челниците на EBU не се досетил дека еден ден можеби ќе се случи поделба на бодовите на најдобрите. Нормално беше дека наредниот Евросонг не можеше да се организира паралелно во 4 земји , па затоа EBU мораше да најде „соломонско решение“ - случаен избор кој тогаш најмногу му беше наклонет на холандскиот претставник кој со тоа на Амстердам му ја донесе следната организација на Изборот за песна на Евровизија.

"НЕПОЗНАТИОТ" Julio Iglesias (1970)

И покрај големите проблеми со кои домаќините на 15-от Евросонг се сретнуваа, таа 1970 година ќе биде запаметена по неколку куриозитети. После очигледно лошо поставените правила за натпревар, кои впрочем доведоа до онаа смешна ситуација на 4 победници во 1969 год., сите 4 скандинавски земји беа едногласни во својот став за непартиципирање на Евросонгот во Холандија. Од , наводно истите причини се повлекоа Австрија и Португалија со што конечниот збир на земји учеснички беше еквивалентен на оној во 1959 година-12. Затоа пак овој Избор за песна на Евровизија ќе биде запаметен по собирот на едно место на тогашни и сегашни 3 големи светски музички ѕвезди. Британката Mary Hopkin, со самиот факт дека претходно имаше неколку големи хитови како што е Those were the days, беше огромен фаворит во однос на останатите „аутсајдери“ како што беа Шпанецот Julio Iglesias и Ирскиот претставник Dana. Големо откритие беше горенаведениот шпански пејач, денешна супер ѕвезда, кој дојде на тој натпревар како победник на локалниот избор за песна на Евровизија. Некогашен студент по правни науки и голман на кралскиот фудбалски клуб Реал Мадрид, Julio Iglesias ја отпеа сопствената композиција Gwendolyne со која го освои 4-то место. Токму тој настап беше почетокот на неговата светска кариера. Само 3 месеци подоцна истата евровизиска песна , тој ја препеа и на италијански, француски и англиски јазик. Вистинска мртва трка се водеше помеѓу двете британки, Dana и Mary Hopkin. Првата, која настапуваше под ирското знаме, со песната All kinds of everything освои 32 поени , доволни за првата позиција. Второто место , со 6 поени помалку од победничката, беше резервирано за големиот британски фаворит Hopkin. Крајот на овој Евросонг јасно покажа дека , тогаш, 18 годишната Rosemary Brown која настапи под прекарот Dana е главниот „виновник“ што наредната, 1971 година, главниот град на Ирска, Даблин беше организатор на 16-от Избор на песна на Евровизија.

НОВ-СТАР СИСТЕМ НА БОДУВАЊЕ (1971)

На 3 Април 1971 год. во Даблин, се собраа 18 европски земји кои се стекнаа со право за учество на тој Евросонг. Домаќинот , Ирската Национална Радио-Телевизија, успеа да обезбеди ново име-учесник меѓу 18-те пријавени земји, но и тие не успеаја да ги убедат Данците за прекин на апстиненцијата од овој голем пан-европски музички собир.Малта беше дебитант и воопшто не се прослави завземајќи го последното место, додека претставник од просторите на бившата Југославија беше големото хрватско музичко име Крунослав Слабинац.
За Британците традицијата продолжуваше со ангажман на популарен пејач од островото ,кој во тој случај беше пеачката од Северна Ирска - Clodagh Rodgers. Таа година повторно беше активиран стариот систем на бодување ( од 5 до 1 поен ), кој беше поддржан од сите земји-учеснички заради, наводно, помалите шанси за одредени манипулации и лобирања. Со 128 освоени поени претставникот на Монако, 20 годишната пејачка Severine, го освои првотот место, што беше уште еден голем удар за моќната британска музичка индустрија. И покрај навистина квалитетната композиција, Jack in the box, на британката Clodagh Rodgers, островјаните не можеа да го прифатат и тој „пораз“ по што следуваше стариот британски принцип на организирање на оваа музичка манифестација под чудни околности. Имено, челниците на EBU, под изговор дека Mонако нема сили и средства за организација на таков спектакл, решија да направат огромен преседан и на Велика Британија да и го доделат организирањет на наредниот Евросонг, наполно игнорирајќи ја второпласираната земја - Шпанија.