ОД 82 ДО 86 ГОДИНА

Музичкиот сенс на луѓето кои ги оценуваа (не)квалитетите на одредени изведувачи и композиции постојано беше варијабилен. Едноставно, не постоеше некоја сигурна формула за тоа какви се предиспозиции треба некој натпреварувач да поседува за да може да смета за некој од горните конечни позиции. Следствено на ова ниту стилот на музиката не беше исканализиран така што буквално никој не може со сигурност да погоди каква композиција ќе биде победник на некој од Евросонговите. Ист е случајот и со старосниот лимит независно дали станува збор за горен или пак долен. Во неколку наврати победуваа малолетни изведувачи кои дебитираа на музичката сцена токму на некој од Изборите за Песна на Евровизија. Таков пример беше и 17 годишната Nicole Hohloch која во 1982 година и донесе победа на Германија и тоа со максималните 161 поен.

ПОВТОРНО ЛУКСЕМБУРГ (1983)

Минхен беше домаќин на Евросонгот во 1983 година, кој успеа да „обедини“ дури 20 европски земји на едно место. Едниствено Ирците кои таа година го променија својот министер за култура, не беа заинтересирани за партиципирање на овој пан-европски музички панаѓур. На тој 23-ти Април, претставникот на тогашна Југославија, Даниел, беше на прагот да го оствари најголемиот сон на секој европски музичар, 1-то место на некој Евросонг. Иако очајно ја донесе нумерата Џули и во неколку дела го погреши текстот, иако песната беше „компилација“ на неколку нумери на британецот Shakin' Stevens, сепак таа нумера успеа да освои 125 поени доволни само за 4-та конечна позиција. 3 недели после тој настап песната Џули беше преработена на англиски јазик, а Даниел успеа да се искачи на англискиот ТОП 100!!!. Британците Bobby, Carrie и Helen кои настапија под името Sweet Dreams, изведувајќи ја нумерата I'm never giving up забележија поголем успех на британската топ листа отколку на самиот Евросонг. Освоија 79 поени што беше еден од најслабите пласмани на Велика Британија во историјата на Изборот на Песна на Евровизија. На крајот на гласањето се случи еден мал куриозитет - последната, луксембуршката композиција која беше изведена таа вечер, Si la vie est cadeau го освои првото место, со што се повтори историјата од претходната година, кога Германката Nicole настапи последна и се искачи на победничкиот пиедестал. Шампион за таа 1983 година беше , тогаш 21 годишната, Corinne Hermes која освои 142 поени со што и овозможи на малата земја Луксембург повторно да организира еден Евросонг.

ПРВИ ПА... МАШКО ! (1984)

На 5-ти Мај 1984 во Луксембург се одржа 29-от Избор на Песна на Евровизија на кој учествуваа 19 земји. Поради сеќавањето на денот на холокаустот, Израел во последен момент се повлече од натпреварувањето, а неговите чекори ги следеше и Грција која , од само за себе познати причини, не го испрати својот претставник. Сублимирајќи го овој Евросонг, се заклучува дека станува збор за еден од најнеквалитетните , во авторски смисол, изданија на Изборот на Песна на Евровизија. Единствената квалитетна композиција, песната Terminal 3 на ирскиот претставник Linda Martin, крајот го дочека на вицешампионската позиција. Тогашната СФРЈ беше претставувана од Владо Калембер и Изолда Баруџија , дует кој под крајно сомнителни околности победи на југословенскиот Евросонг, и дует кој заврши како што и заслужуваше - на претпоследната позиција. Британците продолжија со своите „експериментални“ групи како што во тој случај беше женскиот квартет Belle and the Devotions, кој се пласираше на 7-та позиција. Вистинско изненадување беше шведското семејното трио - Herrey's кои настапија како први и на крајот завршија како првопласирани. Браќата Per, Louis и Richard Herrey со одлична кореографија, стајлинг и „лимунада“ песна како што беше нивната, шампионска Diggi-loo diggi-ley, освоија 145 поени, доволни за да на нивната земја, Шведска и ја обезбедат организацијата на 30-от Евросонг.

СКАНДИНАВЦИТЕ НАПАЃААТ (1985)

Благодарение на браќата Herrey's, Гетеборг беше организатор на 30-от Избор на Песна на Евровизија кој се одржа на 5-ти Мај 1985 година. Холандија , заради сеќавање на жртвите од Втората Светска Војна, го откажа својот настап, а истото го направи и СФР Југославија, но од други причини - скандалот со локалниот избор кој избувна претходната година., така што вкупниот број на земји учеснички изнесуваше 19. Таа година остана запаметена по come-back - от на брачниот пар Al Bano & Romina Power, ветерани на светската музика и Евросонгот, кои ја изведоа нумерата Magic, oh magic, недоволно квалитетна , според мислењата на судиите на сите земји учеснички, за некој посериозен пласман. Со 78 поени тие се пласираа на 7-та позиција, а само 2 места погоре се најде израелскиот претставник Izhar Kohen, кому ова му беше 2 настап на овој европски музички фестивал. Таа година и Британците имаа сомнителен национален избор на кој победата ја однесе Vikki Watson со нумерата Love is. Иако се пласираше на солидната 4-та позиција, Vikki Watson беше буквално бојкотирана од страна на речиси сите електронски и печатени медиуми како и од издавачките куќи, па така нејзината песна воопшто не ни влезе на британската топ 100 листа, што беше прв ваков случај во британската историја на Евросонгот. Мотивирани од одличниот пласман на шведскиот претставник, норвежаните беа претставувани од женски дует, кој беше составен од Швеѓанка и Норвежанка, со што автоматски проработе скандинавското музичко лоби. Двете девојки кои настапија под името Bobbysocks ја изведоа нумерата La det swinge која им обезбеди 123 поени, доволни првата позиција и прва организација на Норвешка на Изборот на Песна на Евровизија наредната година.

РЕКОРДНИ ПОЕНИ (1986)

Норвешкиот Национален радио дифузер се погрижи 31-от Евросонг да остане запаменет по своите технолошки карактеристики. За првпат беше искористено т.н. виртуелно студио, кое ги немаше денешниве карактеристики, но сепак беше комплетна ТВ иновација за тоа време. Таа 1986 година, градот Берген собра 20 европски земји, вклучувајќи го и Исланд, кој за првпат се натпреваруваше на Евросонгот, додека од друга страна Грција и Италија решија да апстинираат таа година. Таа година се случи и голем јубилеј, имено земјата која прва настапи на натпреварот, Луксембург, ја изведе 500-та песна на сите Избори до тогаш, а истата година португалскиот претставник, Dana, прослави 3 учества на Евросонгот. Иако дојде како апсолутен аутсајдер, белгискиот претставник, малолетната Sandra Kim постави рекорд кој влезе и во Гинисовата книга на рекорди. Со фантастичните 176 поени, најголем број на бодови освоени на некој од Евросонговите, благодарение на одличната композиција J'aime la vie, младата Белгијанка ги „растури “ останатите учесници , не давајќи им ниту промил надеж дека ќе успеат да се искачат на тронот. Колку за илустрација, второпласираниот , швајцарскиот претставник Daniela Simons на крајот забечежа дури 36 поени помалку. Со таа победа Sandra Kim влезе во аналите на белгиската забавна музика, како прва пејачка која победила на некој од Изборите на Песна на Евровизија.