ОД 87 ДО 89 ГОДИНА

Крајот на 80-те години дефинитивно ја потврдија теоријата дека Изборот на песна на Евровизија не е само музички натпревар. Евросонгот беше ринг за борба меѓу националните радио/ТВ компании за технички подобар и поинвентивен пренос, натпревар меѓу сите музички автори инволвирани во секоја песна одделно...и конечно борба на секоја земја-учесник за конечна победа и организација на еден од Евросонговите. Токму поради горенаведените технички предуслови потреби за квалитетена реализација на еден ваков пренос, Европската радио дифузна организација ( EBU ) започна да доделува големи материјални сретства на земјите-организатори на овој музички панаѓур. Во неколку наврати, големите европски познавачи на оваа проблематика и овој пан-европски музички натпревар, аргументирано говореа за малверзациите на EBU и дел од европските земји, апострофирајќи го моментот дека однапред одредената сума која била наменета за организаторот, и која била стриктно дефинирана во правилникот на EBU, истата често пати била прекорачувана двојно, тројно па дури и десеткратно. Симплифицирано, Евросонгот стана вистински бизнис и пазар каде веќе јавна тајна беа калкулациите и „пазарењето“помеѓу одредени земји , и за денешни услови, вистинкса лудост е да се учествува на Еврсонгот, а претходно да не се договорат неколку сигурни поени.

ВТОРА ПОБЕДА (1987)

Благодарение на ,тогаш 15 годишната, Sandra Kim, Белгијанците станаа организатори на Евросонгот во 1987 година. Брисел, за првпат, беше домаќин на дури 22 земји, сите со иста надеж дека токму тие ќе бидат оние кои наредната година ќе го организираат истиот тој музички натпревар. Вистински куриозитет беше моментот дека , како однапред договорени, речиси сите земји испратија претставници кои и во претходните години на било кој начин беа инволвирани во овој Избор на најдобра песна на Европа. За австрискиот претставник Gary Lux, тоа беше втор настап на некој од Евросонговите, исто како што и пејачката од Шведска, Lotta Engberg, имаше претходен допир со Изборот, но само во улога на придружен вокал. Patricia Kraus, претставникот на Шпанија, по третпат го почувствува „здивот“ на Евросонгот, Луксембург за свој претставник го имаше еден од најпопуларните изведувачи на домаќините, Plastic Bertrand, човекот кој во ' 78 ја пееше песната Ca plane pour moi, а италијаните се потрпеа на славата на екстремно успешниот италијански дует Umberto Tozzi & Raf. Сите горенаведени земји како однапред да беа сигурни во победите на своите пулени, не сметајќи на ирскиот претставник , човекот кој веќе еднаш го пиеше шампањското вино - Johnny Logan. Австралијанецот Sean Sherrard, кој имаше забележано победа во 1980 година, таа 1987 година настапи со своја композиција - Hold me now, песна која многумина ја сметаат за најубава балада на сите изданија на Евросонгот. Иако настапи како дваесетти, вистинска неправда ќе беше доколку на крајот Johnny Logan не беше првопласиран. Со вкупно 172 поени, дури 31 повеќе од второпласираниот германски претставник, групата Wind, Ирска стана победник на 32-от Избор на Песна на Евровизија.

ПРОМОЦИЈА НА Celine Dion (1988)

За разлика од претходната година, кога голем број на изведувачи не беа дебитанти на Евросонгот, на 3-ти Април 1988 година во Даблин, се собраа најголемиот број на дебитанти на Евросонгот. Освен португалската пејачка Dana, која таа година го забележа четвртиот настап на некој од Изборите за најдобра европска песна, сите останати за првпат се појавија на некој поголем и позначаен музички фестивал. Малку му недостасуваше на организаторот, Ирската Национална Радио Телевизија, да привлече најголем број на учесници, но тоа се изјалови поради „несовесноста“ на кипарските претставници. Само 15 дена пред големото Евро финале, еден продуцент на Ирската РТВ ја преслушал кипарската песна Thumamai и сфатил дека е комплетен плагијат на некоја постара италијанска композиција. Веднаш потоа кипарскиот организатор беше љубезно замолен самиот да се повлече за да не биде предизвикан скандал од поголеми размери и сето тоа да резултира со забрана на настап на следниот Евросонг. Овој Избор на Песна на евровизија ќе биде запаметен и по промоцијата на тогаш 20 годишната Celine Dion, која таа 1988 година, како швајцарски претставник за првпат и се претстави на европската но и на останатата светска музичка јавност. Сосема неатрактивна и без некој посебно изграден сценски настап, но „наоружена“ со одличен вокал и квалитетни изведувачки перформанси, одлично ја донесе нумерата Ne partez pas sans moi, и во една мртва трка, успеа да го освои првото место. Нејзиниот конечен скор беше 137 поени, а второпласираната нумера Go на британскиот претставник Scott Fitzgerald освои само еден поен помалку!!!

ПРВА И ПОСЛЕДНА ПОБЕДА НА СФР Југолсавија (1989)

Лозана беше градот во кој се одржа 34-от Избор на Песна на Евровизија. Прецизните Швајцарци направија вистински бум во смисол на ТВ пренос и организација на еден ваков значаен музички настан. Повторно учествуваа 22 земји и повторно, на европско ниво, голем број музички анонимуси. Исклучоци беа тогашната германска ѕвезда, атрактивниот Nino de Angelo кој и покрај сите претходни високи рангирања, на крајот мораше да се задоволи со само 46 поени и 14-та позиција, и италијанската секс бомба Anna Oxa која во дует со Fausto Leali ја изведоа песната Avrei voluto. Таа 1989 година, во музички смисол, ќе биде запаметена како една од најнеквалитетните Евровизиски години. Буквално ниедна песна не стана некој поголем евровизиски хит, ниту пак се искачи на некоја од локалните а да не зборуваме за позначајните европски или светски топ листи. Како аргумент повеќе зборува и победничката композиција Rock me од тогашниот претставник на СФР Југославија, хрватската група Рива, која беше подпросечна композиција и како таква го освои првото место. Токму таа победа на некогашна Југославија , после неколку години предизвика разноразни кулоарски теории за наводна исценирана победа на југословените, поради фактот што одредени структури во EBU, наводно знаеле дека тогашната Југославија нема уште долго да егзистира во тие географски рамки, што од оваа временска дистанца и можеби се покажуваат како оправдани. Интересен куриозитет беше врзан за Емилија Кокиќ и момчињата од бендот Рива - тие како победници освоија 137 поени , исто како и претходниот победник, тогаш швајцарскиот претставник Celine Dion, со што му обезбедија на Загреб да биде прв Југословенски град - домаќин на еден Евросонг.