ОД 90 ДО 91 ГОДИНА

Почетокот на 90-те години јасно покажа дека Изборот на Песна на Евровизија не е само еден позначаен европски музички натпревар.
Материјалните средства кои беа во „игра“ станаа примарен мотив на сите поголеми и помоќни европски земји, додека оние, кои беа во „транзиција“ или пак штотуку започнаа да „одат“ по европска површина наречена независност, својот мотив за учество во Евросонгот го наоѓаа во промоцијата на својата земја и нејзиното музичко богатство. Од 1990 година ниедно од изданијата на Евросонгот не броеше помалку од 22 земји учеснички, кои во одредени ситуации мораа да бидат дел од ступидните квалификации.

КИКС НА ОРГАНИЗАТОРОТ (1990)

Музичките кулоари не стивнуваа со своите „коментирања“ на југословенската победа на претходниот ( од 1989 год.) Избор на Песна на Евровизија. Сепак, по принципот на старата поговорка во која главни актери се карванот и кучињата, организаторот, некогашниот ЈРТ, одлучи на 5-ти Мај 1990 год. Загреб да биде градот кој ќе биде домаќин на уште 21 европска земја. Изборот воопшто не беше случаен - Хрватската Телевизија беше технички најдобро подготвена за реализација на еден ваков пренос, а впрочем и победничката група-Рива беше хрватски претставник. На тој Евросонг изведувачите настапуваа со т.н. матрица, односно комплетната музика беше претходно наснимена на некој вид на носач на звук, а самите изведувачи песната задолжително ја изведуваа во живо. Токму овој музички „панаѓур“ ќе биде запаметен по големиот кикс на организаторот, ЈРТ, односно во овој случај „регионалното“ студио - Хрватската Радио Телевизија. Имено, според претходно одредениот редослед први требаа да настапат сестрите од Шпанија Azucar Moreno. Кога се појавија на сцената во Загреб очекувајќи да ги слушнат првите тактови од својата композиција Bandido, се случи таа имбецилна грешка која во овие случаји и на овие настани никако не може да се оправда - наместо нивната композиција организаторот им пушти сосема друга нумера. Шпанките веднаш реагираа, нормачно чудејќи се што се случува со нивната нумера Bandido, а трагедијата да биде уште поголема матрицата на погрешната нумера траеше повеќе од 30 секунди!!! После успорената реакција на ХРТ, нумерата беше сопрена , девојките се повлекоа позади сцената а сета операција беше одново изведена со таа разлика што тој пат матрицата беше вистинската. Покрај овој „ бисер“ на домаќинот, може да се каже дека останатиот дел на фестивалот помина во ред.

отскочна штица

Тогашна Југославија беше претставувана од , младата пејачка Татјана Матејаш - Тајчи, со што сиот тој максимален ангажман на Хрватите во сите сегменти на Евросонгот полека преминуваше во симптоматичност. Тајчи ја изведе „лимунадата“ - Хајде да лудујемо, песна која и ги отвори локалните но и светските порти на славата. После тој настап Тајчи издаде еден EP и уште еден LP албум , се пресели во С.А.Д. каде се омажи за богат Американец, настапи во неколку филмови и повеќе ТВ серии, за да повторно се врати во „лијепа наша“ и започне да се занимава со ТВ водителство.

Заедно во обединета Европа

За нас, Македонците, особено интересен беше настапот на белгискиот претставник, Philippe Lafontaine, кој е женет со Македонка, па токму таа наша убавина му била и инспирација да ја напише композицијата Macedonienne. Сепак, освоените 46 поени му беа доволни за само просечното 12-то место, додека шампионот на тој Избор на Песна на Евровизија, италијанскиот ветеран Toto Cutugno, освои 149 поени. Што се однесува до победникот, интересно е фактот дека Италијаните на својот „избор3 не дозволија никаква случајност некој друг да отпатува во Загреб. Сметаа дека имаат квалитетен и афирмиран пејач и , особено, песна која може да „удри“, особено поради текстот во кој се повикуваше на обединета Европа, идеја која само што започна да провејува во европските политички умови. Од друга страна , поради големите неуспеси на Изборот на Песна на Евровизија, Италија стана „незгоден партнер“ на Европската Радио Дифузна Организација, па затоа не ретко и се случуваше да го бојкотува Евросонгот и да не настапува на него. Сепак, кога ќе се направи преглед на таа 1990 година, италијанскиот претставник Toto Cutugno заслужено победи , но немаше да биде грев ако победата им припаднеше и на сестрите Azucar Moreno, особено поради фактот дека нивната песна Bandido прерасна во масивен европски хит.

Двапати по 146 поени !!! (1991)

36-от Избор на Песна на Евровизија на 4-ти Мај 1991 година, се одржа во главниот град на Италија-Рим. И на ова издание, како и на претходното, на Евросонгот учествуваше идентичен број на земји - вкупно 22, со таа разлика што Малта повторно партиципираше, додека Холандија, во име на сеќавање на жртите од Втората Светска Војна, апстинираше. На овој фестивал беа забележани неколку интересни моменти како што е 2-та најмали бодовни резултати. Имено, последно пласираната композиција, Venedig im Regen на австрискиот претставник Thomas Forstner освои неверојатни 0 поени, а во „врат и дишеше“ претставникот на Југославија , Беби Дол, која за нумерата Бразил заработи 1 цел поен! Не смее да остане незабележан фактот дека југословенскиот претставник Беби Дол беше најавувана како пејачка која доаѓа од Србија , а само неколку месеци порано почнаа да се случуваат конфликтните политички ситуации на просторите на некогашна Југославија, така што иако песната Бразил беше една сосема издржана поп песна, стру~ните жирија на секоја земја одделно одлучија дека таа песна не заслужува повеќе од 1 поен. Интересен беше и настапот на британскиот претставник, актерката и пејачката Samantha Janus, која ја изведе композицијата A message to your heart, песна која ни приближно не привлече интерес како што беше случајот со физикусот на англискиот изведувач. Samantha Janus на сите прес конференции беше најавувана како пејачка која во неколку локални магазини имала „забележливи“ фото сеанси, што од денешна гледна точка е 100 % точно. Денес сексипилната Samantha работи како актерка во неколку ТВ серии и е една од најбараните британски модели. Вистински котелец настана кога заврши гласањето и на последниот, италијански судија. Конечниата резултатска табела покажуваше дека 2 композиции имаат освоено ист број на поени. Шведскиот претставник, Carola која ја отпеа песната Fangad av en stormvind и француската песна C'est le dernier qui a parle, qui a raison, во изведба на пејачката Amina освоија по 146 поени.
EBU, поведена од лошото искуство од 1969 година кога дури 4 нумери беа првопласирани, неколку години претходно одлучи во ваква ситуација победник да биде онаа нумера која ќе освои повеќе „12-ки“, односно максимални поени доделени од едно жири. Во тој случај Швеѓанката Carola Sogaard имаше повеќе број на максимални поени и со тоа му обезбеди на градот Малме да биде организатор на наредниот, 37-и Избор на Песна на Евровизија.