ОД 95 ДО 99 ГОДИНА

EUROVISION SONG CONTEST (1995)

Благодарение на 3-те последователни победи , Ирците влегоа во историјата на оваа манифестација како земја со најголем број на последователни победи, но и како земја која има капацитети да победи во секој момент. Срамната победа на ирскиот дует Paul Harrington и Charlie McGettigan, кои ја изведоа нумерата Rock'n'roll kids, на Ирска и ја донесе третата организација на Изборот на Песна на Евровизија која на 13-ти Мај 1995 година се одржа во Даблин. За разлика од предходната година настапија 23 земји на кои, и таа година како по некое правило, не им се приклучи Италија, која остана горда на својот принцип да не партиципира на некоја „приватна музичка журка“. Речиси сите земји од просторите на некогашна Југославија, со исклучок на Македонија, имаа свои претставници за тој 40-ти Евросонг, кои таа година очигледно беа селектирани според популарноста на своите простори. Босанците го имаа легендарниот вокалист на групата Индекси - Даворин Поповиќ, Хрватите ги испратија групата Магазин и малата Лидија, Словенија беше претставувана од словенечката мега ѕвезда Дарја Швајгер, боите на Руската Федерација ги бранеше „рускиот Michael Jackson“ - Филип Киркоров, Турците беа горди на својата Arzu Ece, а претставник на Малта беше Mike Spiteri, брат на Mary Spiteri која настапи на Изборот на Песна на Евровизија во 1992 година. Вистинска „придобивка“ на овој фестивал беше моментот кој покажа дека покрај класичните поп нумери може да се победи и со песна која има сосема друг стил. Токму тоа беше карактеристично и за норвешкиот претставник, групата Secret Garden која настапи со композицијата Nocturne. Песната беше класична етно композиција во која беа инволвирани традиционални скандинавски инструменти а целиот текст на нумерата беше составен од вкупно 27 збора!!! Песната беше одлична и заслужено освои 148 поени, дури 29 повеќе од второпласираната нумера Vuelve conmigo на Шпанката Vuelve conmigo.

НЕУСПЕШЕН ОБИД НА МАКЕДОНИЈА (1996)

Точно после десет години, Норвешка беше повторно домаќин, овојпат на 41-от Евросонг. Норвешката Национална Радио-Телевизија направи генијален ТВ пренос во кој главното „изненадување“ беше т.н. виртуелно претставување на жиријата и табелите, а во улога на еден од водителите беше ангажиран и Morten Harket, пејачот на норвешката група A-HA. Поради големиот број на заинтересирани евроспки земји, EBU одлучи да организира предселкција на која учествуваа сите 29 земји, со исклучок на домаќинот - Норвешка, меѓу кои и Македонија. Фактички, наш прв претставник на некој од Евросонговите беше Калиопи која таа година победи на Скопскиот Фестивал со песната Само Ти, која пак , според мислењето на комисијата на предселкцијата, не беше доволно квалитетна за да настапи во Осло. Тој Евросонг беше собир на музички аматери, вклучително и на помпезно најавуваниот британски претставник , австралијанката Gina G која ја отпеа песната Ooh...aah... just a little bit, така што буквално немаше ниту едно музичко име кое претставуваше нешто повеќе во локални рамки а да не зборуваме за пошироко. Во сето тоа сивило не постоеше некој стриктен фаворит кој се споменуваше во сите претходни калкулации, но пак никој не претпоставуваше дека ирскиот претставник повторно ќе се искачи на тронот.27 годишната Eimear Quinn настапи со песната The voice и елегантно си освои 162 поени, дури 48 повеќе од второпласираниот норвешки претставник Elisabeth Andreassen. Со тоа Даблин, главниот град на Ирска , повтроно беше домаќин , овојпат на 42-от Евросонг.

ИЗМАМАТА НАРЕЧЕНА ТЕЛЕВОУТИНГ (1997)

На 3-ти Мај 1997 година во Даблин, се одржа новото издание на Изборот на Песна на Евровизија и дефинитивна промоција на т.н. телевоутинг систем на гласање. Таа година, жителите на Австрија, Швајцарија, Германија, Шведска и Велика Британија имаа можност тие да одлучуваат во име на својата земја. Имено, после изведувањето на сите 25 нумери, тие можеа да гласаат телфонски на преходно објавените броеви, а после истекувањето на претходно определеното време, компјутерските центри во горенаведените земји ги презентираа сумираните резултати. Со други зборови - најлесен начин за манипулација, со самиот факт дека не постоеше лимитирање на бројот на гласовите дадени од еден претплатнички број, и од друга страна, конечните резултати можеа лесно да се „фризираа“ според желбите и потребите на локалните национални радио-дифузери, а сето , поради скапиот телефонски импулс за таа намена, беше многу добро економски оправдано. Тој Евросонг ќе биде запаметен по официјално најавениот, последниот настап на Италија и повлекувањето на Израел. Фестивалот ќе биде запаметен и по настапот на британскиот претставник , групата Katrina and The Waves, која доаѓа од Тексас, С.А.Д. и е предводена од Катерина Лесканиќ, пејачка која има потекло од просторите на некогашна Југославија. Групата која е составена од американски и англиски државјани, позната по големиот хит од 1985 година - Walking On Sunshine, настапи со една класична поп нумера - Love shine a light. Тоа беше една од оние „чисти“ победи на некој од Изборите на Песна на Евровизија, особено што беше верификувано и со многубројните No.1 позиции ширум светот, вклучително и престижната Англиска топ листа. Сигурно дека ќе бидат запаметени и некои исто така квалитетни композиции како што беа Mysterious woman на ирскиот претставник Marc Roberts и песната Primadonna на најпознатата руска пејачка на сите времиња, сопруга на Филип Киркоров, Ала Пугачева. Со тоа Katrina и момчињата од групата, со 225 освоени поени, беа „причината“ поради која Британија го организираше наредниот Евросонг.

МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОСОНГ ! (1998)

43-от Евросонг беше од големо значение за нашата земја. Македонската Радио Телевизија го искористи Фестивалот Скопје 98 како локален натпревар за претставник на Евросонгот, каде добитникот на т.н. grand - prix ќе требаше да патува са Лондон. Принципот на гласање беше т.н. телевоутинг, принцип кој предизвика полемики кои и ден денес се тема на разни шпекулации, особено после прогласувањето на победникот. Имено, Македонците имаа на располагање 10 минути за гласање за да го одберат својот евровизиски претставник, 10 минути кои покажаа сите (не)намерни нерегуларности кои ги носеше сам по себе овој гласачки систем. Сепак на крај, победник на македонскиот Евросонг беше Владо Јаневски, додека второто место му припадна на Сашо гигов Гиш кој отпеа нумера на композиторот Григор Копров, авторот кој ја напиша и победничката нумера Не Зори Зоро. Финалето на Изборот на Песна на Евровизија се одржа на 9-ти Мај во Бирмингем, Англија. Организаторот, BBC, воопшто не се потрудил да направи нешто поспектакуларно во поглед на сцената и осветлувањето, но за секоја пофалба беше квалитетот на аудио сигналот. Фестивалот во поглед на композициите, беше еден од најквалитетните особено поради фактот што тој Евросонг „исфрли“ неколку хит нумери и пласираше неколку нови музички имиња. Фестивалот го отвори хрватскиот претставник Данијела, која ја отпеа песната Нека Ми Не Сване, придружена со интересен сценски настап на младата хрватска музичка ѕвезда. Благодарение на беспрекорните вокални можности, Данијела одлично ја донесе нејзината нумера која и го обезбеди 5-то место, и нов, висок рејтинг во Хрватска, Словенија и особено во Македонија, која патем речено , и е најплодната „тезга“. Покрај таа нумера , „забележителна“ беше и нумерата Guildo hat euch lieb на германскиот „кловн“ Guildo Horn, кој остана запаметен по неговиот непримерен и неартикулиран сценски настап. Според сите европски музички критичари и новинари, најквалитна нумера пропратена со одличен вокал беа сплотени во името на британскиот претставник, пејачката Imaani и нејзината песна Where are you? После нејзиниот настап не постоеше колебање дека некој друг би можел да ја изненади младата англичанка, но на „сцена“ стапи израелското лоби. Имено, таа година Израел доби нова влада која сакаше да се докаже и на културен план, па не беше некое поголемо изненадување победата на израелскиот претставник-претставничка Dana International, сексипилно момче-травестит. Несомнено е дека нејзината нумера Diva е крајно „заразна“ и дека е училишен пример како да се напише класична поп нумера за Евросонгот, но јадниот вокал на Dana International и нејзините ( неговите) многубројни фалширања не беа доволно очигледни за сите европски ТВ центри и нивните жирија, па така таа со 172 поени, само 6 повеќе од Imaani, победи на тој, 43-ти Избор на Песна на Евровозија. Што се однесува до настапот на нашиот претставник, Владо Јаневски, коментарот е крајно неблагодарен, со една мала забелешка - Стево Чепишевски и Тања Станковиќ беа на висина на својата задача.

СКАНДАЛОЗЕН ЕВРОСОНГ (1999)

Евросонг1999 беше скандалозен поради повеќе моменти. Прво, само неколку недели пред самото финале , кое се одржа на 29 Мај во Ерусалим, Израел, Израелската Национална Радио Дифузна Организација ги дисквалификуваше германската победничка нумера Hor den Kindern einfach zu како и босанскиот претставник Хари Мата Хари чија нумера Старац и Море беше композиција која била претходно во неколку наврати снимена и изведувана. На Нивните места беа завземени со второпласираните композиции на соодветните локални Избори. Поради лошиот пласман на Владо Јаневски во Бирмингем, 19-то место со 16 освоени поени, Македонија не се стекна со право за учество на тој Евросонг, на кој настапија 23 европски земји. И ова беше еден од оние Евросонгови на кои не можеше да се одвои некој поголем хит, освен оној на хрватскиот претставник Дорис Драговиќ , песната Марија Магдалена, со која е поврзан и следниот скандал. Имено, минатата година изведувачите не беа придружувани од некој ревиски оркестар, туку настапуваа на матрици на кои можеше да бидат снимени само музички делови од композицијата а не вокалите. Токму затоа и вокалната изведба на Дорис беше премногу силна и убедлива што предизвика сомнежи дека нејзината матрица е „засилена“ со back вокали или пак некои нејзини вокални партитури. Тоа сомневање се докажано кога после самиот Евросонг беше преслушана нејзината матрица и забележени одредени женски вокали кои најверојатно беа компјутерска синтетизација на нејзиниот вокал. Признавајќи го својот пропуст, EBU на Хрватска и одзеде 33 % од вкупниот број на освоени поени, со што и ги смали шансите за учество на наредниот 46-ти Избор на Песна на Евровизија. Забележителен беше настапот и на австрискиот претставник, пејачката Bobbie Singer која одлично ја изведе нумерата Reflection и со освоени 65 поени се пласираше на 10-та позиција, и генерална оценка е дека речиси сите изведувачи беа во границите на пристојна интерпретација , факт што не може да се изрече за изведените нумери. Дури и победничката композиција на швеѓанката Charlotte Nilsson - Take me to your heaven е толку ординарна да не сум сигурен дека некој воопшт се присетува на нејзината мелодија или пак текст. Како и да е, 162 поени и беа доволни на сексипилната блондинка да и ја донесе победата на Шведска, чии национален Радио Дифузер, STV, на 13-ти Мај во Копенхаген го организира {e 45-от Евросонг.