21.04.2006
Како дел од својата промотивна турнеа изминатиот викенд Елена Ристеска престојуваше во Истанбул Турција. Беше гостинка на Турската националната телевизија TRT во шоуто БИНГО кое е едно од најгледаните шоуа во Турција.
Како дел од своето претставување Елена имаше интервју, ја изведе Нинанајна, а се емитуваше и видео спотот.

Исто така Елена имаше и неколку други интервјуа за тамошни ТВ станици, а се запозна и со членовите на евровизискиот фан клуб ОГАЕ од Турција, кои и честитаа за изборот за МИС Еуросонг 2006, организиран од страна на полските евровизиски фанови.

За Елена и “Нинанајна” постои голем медиумски интерес и на нивно барање песната “Нинанајна” е испратена на над 70 европски ТВ и радио станици.

11.04.2006
Како дел од својата промотивна турнеа низ Европа, а на покана од МТВ девојките од групата “Treble” кои се преставницки на Холандија на Евровизија 2006, беа во посета и на нашата земја. Тие се сретнаа со Елена и разменија мислења и промотивни материјали. Тие изјавија дека многу им се допаѓа “Нинанајна” и дека сметаат дека Елена ќе постигне добар пласман на Евросонг.

Како дел од промотивната турнеа на Елена, таа овој викенд ќе патува за Истанбул, Турција каде ќе има свое претставување во TV Show кое се емитува на нивната национална телевизија, како и во други тамошни печатени и електронски медиуми.

Во организација на МТВ, овој викенд, краток престој во Скопје ќе има и хрватската претставничка Северина, која свое претставување ќе има во македонската телевизија, а ке биде и специјален гостин на М2 Продукција.

04.04.2006
Со задоволство би сакале да Ве информираме дека Елена Ристеска имаше успешна медиумската презентација во Атина.

Таа гостуваше на Националната телевизија ERT 1, MAD TV (програмски слична на музичкиот канал MTV) каде имаше интервју во траење од еден час, TV STAR каде гостуваше во живо во нивното LIVE SHOW а даде и изјава за нивните вечерни вести, ALTER TV, MEGA TV, имаше интервју за LOVE радио, магазинот DOWN TOWN, и неколку други неделни музички магазини. Интервју со Елена е објавено на интернет страната www.oikotimes.com, а во понеделникот интервју со Елена беше објавено на главната страна на евровизискиот сајт - www.eurovisionathens.gr

Тимот на Елена е презадоволен од првичниот прием бидејќи спотот и песната на Елена интензивно се вртат на грчките радија и телевизии.

31.03.2006
Со задоволство би сакале да Ве известиме дека изминатиот викенд Елена беше во посета на Сараево каде гостуваше на Националната Телевизија на Босна и Херцеговина, во емисијата “Feminem Show”.

Емисијата се емитува на 31.03.2006 а во неа покрај Елена гостуваа и Хари Мата Хари, Северина, Анзеј Дезан. Покрај интервјуто Елена ја испеа во живо македонската верзија на “Нинанајна”.

Посетата на Елена ја искористија и други новинари кои земаа кратки изјави од Елена. Интервјуа со Елена беа објавени и во дневните весници Ослобоџење и Дневни Аваз.

Во четврток Елена отпатува за Атина, а повеќедневниот престој во Грција ќе биде искористен за гостување на Елена на националната телевизија ERT 1, како и во неколку други грчки радија и телевизии.

14.03.2006
Елена Ристеска , македонскиот претставник на Изборот на песна на Евровизија учествуваше во ревијалниот дел на Европесна (Изборот на песна на Евровизија во Србија и Црна Гора).Таа настапи со победничката песна НИНАНАЈНА и предизвика огромен интерес кај новинарите.

Претставниците на печатените и електронските медиуми од Словенија, Хрватска Би Х, Србија и Црна Гора иниситираа на интервјуа со младата поп ѕвезда.


Третата слика е слика од генералната проба.

04.03.2006
Македонија го избра својот претставник на Избор на песна Евровизија 2006. Елена Ристевска со композицијата Нинанајна на авторскиот тим Дарко Димитров и Раде Врчаковски ќе не претставува во Атина на 18 мај на Евросонг.

Националниот Евросонг се одржа во студијата 3 и 2 на МТВ. Победничката композиција беше избрана по пат на телефонско гласање.Се гласаше преку фиксната телефонија и двата мобилни оператори. Гласањето траеше 10 минути, по кое беше прогласена победничката композција.Елена Ристевска со освоени 6999 гласови е македонскиот претставник на Евросонг 2006.

Второпласирани се Адријан и Есма со композицијата Љубов е.... со освоени 6866 гласови, а третопласирана е композицијата Море од солзи во интерпретација на Ламбе Алабаковски.

14.02.2006
Имајќи го предвид известувањето на Македонски Телекомуникации , пристигнато на 14.2.2006 во врска со предлозите за начинот на телефонско гласање за Националниот Евросонг ( ограничување од максимум 3 гласа од еден телефонски број), во кое се вели:
“...Сепак за овој вид гласање постои голем степен на ризик од аспект на времетраење на подготовка на извештајот и реализацијата на истиот може да се продолжи и на неколку часа во случај на технички проблем....Од овие причини МТ сака да потенцира дека го предлага првиот начин на телефонско гласање каде што нема да се врши ограничување на бројот на повикувања и резултатите ќе бидат достапни во реално време во текот на гласањето и финалните веднаш по завршување на гласањето...”, МТВ одлучи , за оваа манифестација , да се применува телефонско гласање од фиксната и од мобилната телефонија БЕЗ ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ПОВИЦИТЕ.

Прифатено е да се гласа од фиксната мрежа на МТ и од Мобимак и Космофон со цена од 20 ден.+18% ДДВ по повик.

13.02.2006
На последната прес конференција одржана во МРТ на 13.2.2006, новинарите беа известени за промената на датумот на одржување на Националниот Евросонг 2006.
Изборот за песна на Евровизија ќе се одржи на 4.3.2006 (сабота) во студијата 3 и 2 на МТВ, со почеток во 20:45 мин.

30.01.2006
Одреден е редоследот по кој ќе бидат изведени 20-те композиции. Жребувањето се одржа на 27 Jануари во рамките на емисијата Урбан Шик, во живо.Во емисијата учествуваа авторските тимови .

23.01.2006
Македонската радио телевизија на прес конференцијата, одржана на 23 јануари 2006 година ги соопшти резултатите од работата на стручното жири за пристигнатите необјавени музички творби на анонимниот конкурс за НАЦИОНАЛНИОТ ИЗБОР за Песна на Евровизија 2006, распишан на 3 ноември минатата година, согаласно правилата на ЕБУ според кои МРТ како радиодифузер - носител на лиценцата сам ги определи пропозициите и правилата за оваа манифестација.

23.01.2006
Јавното извлекување на редоследот на претставувањето во финалното шоу ќе се изврши во емисијата на МТВ ”УРБАН ШИК”, а НАЦИОНАЛНИОТ ИЗБОР НА ПЕСНА ЗА ЕВРОВИЗИЈА ‘2006 ќе се одржи на 26.2.2006 (недела), со почеток во 20.45 ч., како ТВ шоу во траење од 120 минути, со тоа што победничката композиција ќе биде избрана по пат на телефонско гласање (телевоутинг).

Националниот избор е промоција и фер натпревар на таленти и афирмирани имиња од областа на популарната забавна музика, чија крајна цел е достојно да ја претстават Република Македонија на финалниот натпревар во Атина на 20 мај годинава, но и можност МРТ да се претстави како рамноправен партнер со компаниите - организатори на нациоанлните натпревари на земјите учеснички од европското семејство на оваа елитна музичка манифестација.

23.01.2006
Победничката композиција ќе биде избрана по пат на телефонско гласање (телевоутинг), кое МРТ целосно ќе го препушти на Македонски телекомуникации и на двата мобилни оператори (Мобимак и Космофон), тие меѓусебно да ги регулираат техничките услови за негова реализација. Во врска со можноста за ограничување на бројот на повици при гласањето и од фиксната и од мобилната телефонија, МРТ и Македонски телекомуникации се договорија Македонски телекомуникации во рок од 10 дена да ја извести МРТ, но и да гарантира дека таквиот систем е можен и сигурен. Доколку МРТ ја добие оваа гаранција при гласањето ќе се примени ограничување на бројот на повиците од фиксната и од мобилната телефонија, а бројот на максимум повици ќе биде јавно и навремено објавен со соопшение, и на финалното шоу. Збирниот центар на гласовите ќе биде сместен во Македонски телекомуникации, а МРТ на ТВ екраните јавно ќе ја истакне цената за телефонските јавувања, а од наведените компании ќе обезбеди 20 различни телефонски броеви што ќе завршуваат на цифрите од 01 - 20.